Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека не ја поддржува идејата за бојкот на самитот на Г20 доколку на него учествува рускиот лидер Владимир Путин.
„Треба многу внимателно да размислиме како нема да ја парализираме целата Г20. Затоа не ја поддржувам“, изјави Фон дер Лајен за германскиот телевизиски канал ZDF на маргините на самитот на Г7.
Како што додаде таа, форматот Г20 е од големо значење не само за развиените, туку и за земјите во развој, пренесува Спутник.
Според нејзиното мислење, неопходно е меѓусебно да се разговара за моменталната ситуација во светот.
Самитот на лидерите на Г20 се очекува да се одржи на 15 и 16 ноември на Бали. Поканети се лидерите на сите земји од Г-20, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин.
Соединетите Американски Држави и сојузничките земји се обидоа да извршат притисок врз Индонезија, која претседава со Г20 оваа година, со цел да го откажат учеството на Русија на самитот. Сепак, официјална Џакарта одговори дека е испратена покана до Русија, дека на самитот ќе се разговара за економски прашања и дека политиката не може да влијае на агендата.
На предлог на САД и нивните сојузници, индонезиската влада ја покани и Украина на самитот.