Медиасет.мк

#ФАЦИ

13 години од последното ѕвездено небо на нашата најсветла ѕвезда Тоше Проески

На денешен ден пред тринаесет години пејачот Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на 26-годишна возраст.

Во чест на Тоше десет маратонци денеска напладне треба да стигнат во Крушево. Поради пандемијата годинава маратонот се одржува само во границите на нашата држава – од преминот Табановце, преку Скопје до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат 10 километри во Нова Градишка, Хрватска и таму ќе положат цвеќе.

Годишнината ќе биде одбележана кај новозиграденото спомен обележје на неговото почивалиште на Гумење.

На музичката ѕвезда почит ѝ оддадоа и велосипедисти од тиквешкиот регион кои од 20 септември во рамки на проектот „Од срце за Тоше“ возеа низ цела држава за да пристигнат во Крушево. Годинава на 9 август на Крушевското Езеро, пак се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески“ организиран од пливачкиот клуб „Вардар 2018“ од Скопје, со идеја да биде традиционален. На маратонот имаше повеќе од 40 учесници кои пливаа два и пол километри.

Поради пандемијата, оваа година не се одржа манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“ која фановите во изминатите години ја организираа на 5 октомври на плоштадот „Македонија“ во спомен на неговиот последен и хуманитарен концерт што го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.

На почеток
error: