Ивица Апостолов е претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар Скопје. Тој е вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје.
Откако се заразил со коронавирусот, тој на фејсбук го сподели неговото искуство со болеста.
„Почитувани колеги и пријатели,
Сигурно се запрашавте зошто ме нема со објави подолго време. Некои од вас дури ми пишале пораки во месинџер со прашања дали сум добар и зошто ме нема, зошто не коментирам и немам објави на мојот зид?
Да, јас бев заразен со вирусот, ја осетив лично сета јачина на SARS CoV-2 вирусот, осетив лично како се развива оваа инфективна болест, осетив лично што значи да дишеш преку стакленца, осетив лично што значи да земаш и да издувуваш воздух преку уста исто онака како што дувате за да угасите свеќа.
Осетив што значи дишење на врел воздух низ ноздрвите, осетив како е чувството на луѓето кои се под вода “да гњуриш под вода, а да ти е крај на резервите со кислород”, осетив како им е на рибите и цицачите кога се на суво, осетив дека не смееш да земеш воздух со цела уста отворена затоа што на средина на здивот те пара болка низ белите дробови, таква болка која е како најостар нож или скалпел кој го сече по должина и ширина белодробниот паренхим, осетив како изгледа притисокот на белите дробови кои сакаат да експлодираат во одреден момент, осетив дека ти се заматува видот и гледаш низ најгуста магла, осетив што значи недостаток на моторика, осетив какво е чувството кога сакаш да изговориш збор, а немаш сила да ја отвориш устата, осетив што значи да слушаш гласови, а не можеш да ги отвориш очите за да видиш кој е околу тебе, осетив што значи да живееш континуирано два-три дена со 187 откуцувања на срцето, осетив дури и како е со 208 срцебиења на минута, осетив што значи да се обидеш да станеш од кревет со сатурација на кислород во крвта помала од 90, 86, 83…го осетив вирусот лично на себе, ја осетив неговата жестина и “желба за да се репликува” и да ги пробие моите клеточни мембрани, осетив како моите “војници” моноцити и лимфоцити се борат против него, осетив што значи јак имунолошки одговор, ја осетив оваа кинеска проклетија, ја осетив многу добро на себе!
Денес е 15-ти ден откога ги добив првите симптоми на Ковид-19 и 13-ти ден откога го добив позитивниот резултат од земениот назофаринкс брис со кој преку PCR беше потврдено постоење на SARS-CoV2 вирус кај мене.
Болеста почна со благи симптоми со покачена телесна температура, но по три дена нагло прогресираше и се манифестираше со висока температура, масивно кашлање и отежнато дишење, како и со намалување на нивото на SpO2 и со тахикардија.
Иако имам 30 годишно клиничко искуство, сепак овојпат јас бев пациент и за давање на правилна терапија се консултирав со некои мои колеги, со лекари интернисти, микробиолози, пулмолози и со инфектолози, а така заеднички делувавме согласно EVMS CRITICAL CARE COVID-19 MANAGEMENT PROTOCOL и само поради тој правилен пристап инфективната болест ја поминав со средно тешка клиничка слика, а како човек кој случајно професионално се заразил на работното место со вирусот SARS-CoV-2 јас го имав сериозно развиено инфективното заболување, но напоменувам дека исклучиво со правилен пристап од моја страна и со исклучиво моја лична борба се изборив против КОВИД-19, а тоа требаше да го направи системот или поточно дел од здравствениот систем, кој на жалост потфрли.
Сакам да ви соопштам дека после 15 дена тешка животна борба со вирусот и после примени лекарства кои се точно и прецизно дозирани како антибиотска терапија “per os” и преку инфузиони раствори, денес можам да соопштам дека се осеќам добро, а сите резултати идат во прилог на здравствено подобрување за кое ќе биде потребно уште некое време за мое целосно оздравување од болеста.
Последните три дена сум без покачена телесна температура, без повраќања и проливи, нивото на сатурацијата на кислород во крвта и другите витални животни параметри ми се во ред, а од завчера е прекината антибиотската терапија и сум ставен само на витаминска и имунотерапија, како и на лекарства за превенција на системски тромбоемболизам со сеуште будна присмотра и секојдневна контрола.
Сакам да напоменам без оглед дали сте здравствен работник или не, сами никако да не се лекувате, да не пиете превентивно или самоиницијативно антибиотици иако сте позитивни на вирусот, антибиотиците азитромицин и панцеф кои “под-дефолт” се препишуваат од дел од матичните лекари и вие ги земате не се витамини, а ниту пак се лекови за превенција од коронавирусот, а доколку нема индикација за да се пијат истите вие не треба да ги пиете на почеток на болеста, затоа што во вториот стадиум на болеста доколку развиете компликации, ќе немате можност со што да се лекувате против бактериските инфекции кои можат да ви се накалемат и да не сте на болничко лекување во КОВИД центрите.
Примената на антибиотиците мора да биде во консултација со лекар кој мора задолжително да ве прегледа (без оглед дали ви е матичен или не) и за тоа морате да имате сериозни индикации за да ги примените, а кои претходно мора да ги докажете со лабораториски преглед и наод на РТГ.
Лекот е Лек, но Лекот е и СМРТ доколку го користите неправилно, запаметете го ова, а над 80% од компликациите кај оваа болест настануваат баш поради ова, поради ненавремено или предвремено делување со антибиотици и затоа без да се навредат матичните лекари, тие мораат да стават стетоскоп (част и чест на поединци) и да ги слушнат и прегледаат пациентите, а не само да се повикуваат на протоколи кои им се напишани на хартија!
Сакам да ја искористам оваа можност да изразам лична благодарност до сите вас, до сите колеги и пријатели кои во изминатиот период ми пишувавте и ми пружавте несебична и морална поддршка за да издржам и истраам, да се изборам до крај со вирусот и за тоа сум ви крајно благодарен.
Изразувам голема и длабока почит и огромен респект кон целокупниот медицински персонал кој работи во Ковид центрите, со посебна благодарност до др.Трајковска Вани од ГОБ 8ми Септември, др. Нико Беќаровски, др.Данил Петровски и др. Илиевска-Јуруков од Клиниката за Токсикологија и Ургентна Интерна Медицина Скопје, др.Митко Илиевски од Универзитетски институт за Радиологија Скопје, до прим.др. Жарко Караџовски кој секојдневно по два пати се интересираше за моето здравје, до колешката Лилјана Николовска за брзо изработениот тест и за дадените совети како правилно да постапам, а повикувајќи се на протоколите од страна на д-р. Ненад Лазаров, проф. д-р. Никола Пановски, доц д-р. Елена Петрова Костова, Гордана Димеска, Драган Јовановски, но и до моите пријатели на чело со Сашо Маринчески, како и до сите новинари на чело Менче Точи, а и до сите познати и непознати кои секојдневно имате пишувано со вашите пораки за поддршка.
Како што напишав претходно, за една недела очекувам комплетно да бидам оздравен и искрено со нетрпение чекам да се вратам повторно онаму каде сум најпотребен на првата линија на фронтот во директна борба со овој вирус кој е во моментов најголемиот непријател на човештвото.
За крај, апелирам до сите вие кои ќе осетите и најмали симптоми, исто онака како што и јас ги имав и напишав на почетокот, да не доаѓате на работа и воедно веднаш сами да се изолирате дома!
Одговорноста кон семејството, пријателите и колегите на работа, а и кон сите оние кои сакате да ги заштитите од евентуална трансмисија на вирусот се докажува само на ваков начин, треба да се изолирате, да закажете да ви се земе брис и да седите дома во изолација се до добивање на резултатот…се друго е равно на самопредавство и свесно заразување на другите околу вас!
Чувајте се, мало невнимание и се може да се случи, вирусот е исклучително непредвидлив.
Јас од срце ви посакувам на сите добро здравје и ве замолувам да се чувате, да ги носите маските онаму каде што треба, држете физичка дистанца, затоа што овој вирус не е обичен вирус, овој вирус сака да ве здроби, овој вирус сака физички и психички да ве уништи, но вие морате да останете силни, морате да бидете емотивно јаки и да покажете големо психичко здравје, а на сите за крај ќе ви кажам само едно,
Ве сакам сите!“