Нивото на антитела кај пациентите кои го преживеале ковид-19 кај британската популација брзо опаднало во текот на летото, според британско истражување.
Ова се резултатите од студијата спроведена од научниците од лондонскиот Империјал колеџ, за следење на нивото на антителата меѓу Британците по првиот бран на инфекции со ковид-19 во март и април.
Од 20 јуни до 28 септември, Империјал колеџ, во соработка со Ипсос Мори, надгледувал 350 000 случајно избрани жители на Англија, кои редовно се тестирале дома за да утврдат дали имаат антитела кон ковид-19.
Резултатите покажале дека антителата исчезнале побрзо кај лица кои немале никакви симптоми на болеста, отколку кај пациенти кај кои болеста се манифестирала со послаби или со посилни симптоми.
„Во тој период, преваленцата на антителата кај оние кои беа позитивни на ковид-19 се намали од 6 проценти на крајот на јуни на 4,4 проценти во септември, што укажува на пад на колективниот имунитет пред почетокот на вториот бран на инфекцијата, што резултира со локални блокади и ограничувања во Велика Британија.“, се вели во соопштението.
Студијата исто така покажа дека, иако исчезнувањето на антителата е забележано кај сите возрасни групи, ситуацијата е полоша кај постарите лица.
Помеѓу јуни и септември, процентот на луѓе постари од 75 години со антитела опаднал за 39 проценти, а кај младите на возраст од 18 до 24 години за 14,9 проценти.
„Со оглед на она што го знаеме за другите коронавируси, овие податоци сугерираат дека со исчезнувањето на антителата, имунитетот исто така се намалува, што резултира со пад на општиот имунитет на ниво на популацијата“, изјави Венди Баркли, шеф на Одделот за заразни болести на Кралскиот колеџ во Лондон.
Кај луѓето чијашто инфекција со коронавирус е потврдена со ПЦР, забележан е помал изразен пад на антитела во споредба со пациентите кои биле асимптоматски и не знаеле дека се заразени.
Не се забележани промени во нивото на антитела кај здравствените работници, веројатно како резултат на повеќекратното изложување на вирусот. Резултатите од студијата на научниците од Империјал колеџ сè уште не поминале стручен преглед.
Баркли истакнува дека забележаното брзо намалување на антителата не мора да влијае на ефикасноста на кандидатите за вакцини кои во моментот се во фаза на клинички испитувања.
„Квалитетната вакцина може да биде и подобра од природно стекнатиот имунитет“, рече таа.