Медиасет.мк

#ФАЦИ

Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер, а „Врба“ за најдобар филм во Лондон

„Врба“ доби номинација за најдобар меѓународен филм, а Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер на претстојниот фестивал „Рејнденс“ во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот.

Жирито предводено од оскаровецот Џереми Ајронс ќе ги додели престижните награди во осум категории, во секоја се номинирани по три филма, а „Врба“ доби номинации во две категории.

Настапот на „Рејнденс“, што ќе се одржи од 28 октомври до 7 ноември, е и британска премиера на „Врба“, чиј продуцент е и легендарниот британски продуцент и основач на „Вирџин рекордс“, Ник Пауел. Организаторот на фестивалот го издвојува „Врба“ како еден од хитовите на програмата, а ќе се прикаже во селекцијата женски поглед.

Поради пандемијата на Ковид-19, 28. „Рејнденс“ годинава ќе се одржи во хибридна форма и онлајн и на живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери, а на 28 октомври ќе има гала-отворање со „Стардаст“ на Габриел Рејнџ за Дејвид Боуви и периодот кога тој го создаде Зиги Стардаст, еден од највлијателните и најславни негови ликови.

Победата во конкуренцијата за краток филм на „Рејнденс“ исто така носи и квалификација за „Оскар“ и за наградите БАФТА.

Трендинг

На почеток
error: