#ОХРИД
Во Трпејца заврши традиционалната Меѓународна уметничка колонија
Вчера во Трпејца беше заокружена четвртата Меѓународна уметничка колонија со учество на уметниците: Петрит Лараку од Поградец- Албанија, Елена Ѓурѓиноска од Русија, Наташа Попоска – Карче, Хава Реџеп и Ѓоко Симјаноски сите од Охрид. Споменатите уметници изминатите четири дена сликаа и се дружеа во Трпејца со љубопитните мештани, учениците во подрачното основно училиште „Наум Охридски“ и туристите.
За моќта на уметноста и зближувањето меѓу луѓето говорат и пораките од уметниците Владисав Богичевиќ и Јовица Костиќ учесници на второто издание на колонијата, кои во знак на поддршка на организаторот ветија дека во својот роден град Ниш – Србија ќе изработат две свои дела кои ќе станат дел од годинашната Меѓународна колонија.
Животот на прекрасните слики веќе започна со нивното создавање и кога пандемијата со Ковид -19 ќе стивне се планира тие да бидат претставени во Поградец и Охрид.
Организатор на колонијата беше Здружението „ За Трпејца со љубов“ помогнато од Општина Охрид.