Connect with us

#АНИМАВЕТ

Миленичињата позитивно влијаат при карантин и изолација

Истражувањата покажуваат и потврдуваат дека миленичињата позитивно влијаеле на менталното здравје на нивните сопственици при рестриктивните епидемиолошки мерки против коронавирусот.

Испитување спроведено меѓу 1.200 сопственици на домашни миленици, посочува дека и за време на карантинот и затворањето дома, кучињата навистина може да бидат најдобри пријатели на човекот. Испитаниците, поточно 85 отсто од нив рекле дека кучињата имаат значително или умерено позитивно влијание, додека 75 проценти од испитаниците истото го кажале истото за мачките. Многу малку се оние кои мислат дека домашните миленици го влошиле нивниот квалитет на живот во изолација.

Научниците веруваат дека миленичињата го подобруваат животот во целина. Тие се една од причините што човекот почесто го напушта домот и се дружи со други луѓе. И многу претходни студии покажаа дека тие го подобруваат менталното здравје. Ова особено кога човекот е тажен, депресивен или вознемирен.

Се смета дека миленичињата го олеснуваат и воспоставувањето односи со други луѓе. Тие придонесуваат за чувство на почит, сочувствување и доверба.

#АНИМАВЕТ

Раси на кучиња кои лесно се дресираат

Многу раси на кучиња лесно ќе станат лојални членови на семејството и најблиски придружници. Сепак, дури и на најискусниот сопственик му е тешко да ги научи некои од најтврдоглавите кучиња да ги следат основните наредби.

Без разлика дали сте сопственик на куче за првпат или сте пораснале со домашни миленици, знаењето која раса на кучиња е најлесно да се обучи може да ви помогне ако не сакате да одвоите часови и часови од вашето време за да го едуцирате вашиот четириножен пријател.

Не само што дресурата на вашето куче ќе ви го олесни животот (помалку незгоди, без џвакан мебел и минимално гласно лаење), туку исто така ќе му помогне на вашиот миленик да ги разбере границите во вашиот дом. Ниту едно куче нема да го цени викањето по него за некоја незгода – освен ако не е научено каде треба да уринира.

Без разлика дали го учите вашето куче на основните заповеди или сакате да одгледате куче за изложба, обуката може да стане важен дел за поврзување со домашното милениче.

Ова се пет раси кои најлесно се дресираат:

Германски овчар
Ако имате простор за сместување на оваа лојална раса, германските овчари се едни од најпослушните и најработливи раси, па затоа се одлични кучиња за сопствениците кои бараат што е можно помалку пречки кога станува збор за тренинг. Тие се омилени во полицијата и армијата, бидејќи германскиот овчар е познат по тоа што може брзо да научи нови работи.

Златен ретривер
Обожувани од љубителите на кучиња низ целиот свет, златните ретривери се многу мили и интелигентни кучиња кои можат да се прилагодат во секакво домаќинство. И покрај нивната големина, добро обучените златни ретривери се пристапни, нежни и среќни. Тие сакаат да учат, што ги прави лесни за обука и затоа се одличен избор за секој сопственик, дури и за целосно неискусен.

Пудлица
Постои причина зошто стандардните, минијатурни и разиграни пудли често го преземаат водството на изложбите на кучиња. Не само што изгледаат прекрасно, туку и здравата мешавина на послушност, интелигенција и разиграност ги прави идеални за тренинг. Ова се кучиња кои лесно можат да се сетат на наредбите и да ги следат истите.

 

Џуџест континентален шпаниел (папилон)
Малите кучиња имаат репутација на тврдоглави, но не и папилонот. Она што им недостасува во големината го надополнуваат со интелигенција, и можат ад се пофалат со импресивна способност да ги разберат командите.

Граничарски шкотски овчар (border Colie)
Ако сте загрижени за обука на вашето куче, „бордер коли“ многу брзо ќе ве смири. Овие кучиња се мирни во криза, независни, но лојални и сметаат дека целото семејство е достојно за заштита. Кога не се издресирани, овие палави кучиња можат да бидат деструктивни и тврдоглави, но нивната интелигенција им овозможува брзо да учат и да ги слушаат наредбите.

Continue Reading

#АНИМАВЕТ

Како да го заштитите вашето куче од жештините?

Прошетките на високи температури може значително да го загрозат здравјето на кучињата.

Истражување на британскиот Кралски ветеринарен колеџ (РВЦ) и Универзитетот во Нотингем Трент покажува дека шетањето и вежбите при топло време претставуваат 74 отсто од причините и случаите на болести поврзани со топлината кај кучињата. Повеќе од 13 отсто се предизвикани од самата жештина, а пет насто се резултат на заклучување на кучиња во автомобил на високи температури.

Болести поврзани со жештината се јавуваат кога кучето не може повеќе да одржува безбедна телесна температура, што може да доведе до оштетување на ткивото и органите, а во некои случаи и смрт.

Болеста може да влијае на било кој тип на куче. Истражувањето ја нагласува потребата сите сопственици на кучиња, особено оние со кучиња со рамно лице да внимаваат при прошетките во топлите месеци. Д-р Ден О’Нил, претседател на работната група што го спроведе истражувањето, вели дека факторите како прекумерен напор и влажноста, исто така, играат многу значајна улога.

– Не се потребни многу вежби (за кучето), за да има можно опасни последици за него кога времето е топло или влажно, додаде тој.

Што да се прави ако се појави прегревање? Ако се сомневате дека вашето куче страда од болест поврзана со жешината, секогаш побарајте ветеринарен совет што е можно побрзо. Раните знаци на топлотен удар вклучуваат отежнато дишење, замор, бавно движење при одење, помала желба за игра, саливација и повраќање.

Веднаш штом ќе ги забележите овие знаци, смирете го кучето, донесете го на ладно место, дајте му вода и веднаш побарајте стручен совет. Силен топлотен удар може да предизвика повеќе напади, целосно губење на свеста, некоординација, конфузија, повраќање и дијареја со крв. Ако не се лекува, тоа може да биде фатално.

Важно е и кучето да нема прекумерна тежина, бидејќи тоа ја зголемува опасноста од болести поврзани со жештините.

Continue Reading

#АНИМАВЕТ

Кралицата го убива стресот со две нови кучиња

Сопругот на кралицата, војводата од Единбург, со кого е во брак 73 години, е во болница од средината на февруари.

Добро познат факт е дека најдобриот пријател на човекот честопати е утеха во стресни ситуации. Всушност, има кучиња што се користат поради нивната емоционална осетливост помагајќи им на оние на кои им е најпотребна нивната поддршка.

Некои британски медиуми објавија дека нејзиното височество, кралицата Елизабета Втора – долгогодишен љубител на кучиња, неодамна добила две нови кученца велшки корги пемброк (нејзината омилена раса) со цел да ја утешат додека нејзиниот сопруг, војводата од Единбург, е во болница.

Весникот „Сан“ известува дека двата нови члена на кралското домаќинство пристигнале во февруари откако принцот Филип бил примен во болница поради постојната срцева состојба. Додека закрепнува од операцијата во болницата „Св. Бартоломеј“ во Лондон, овие две кученца без сомнение ѝ даваат многу потребно внимание на кралицата.

„Кралицата е воодушевена. Незамисливо е таа да нема ниеден корги. Тоа е како лондонската кула да ги нема гавраните чувари. Тие се таму само неколку недели, но велат дека се преслатки и палатата ја направиле свој дом“, изјавил анониимен извор за весникот. „Внесуваат многу бучава и енергија во палатата додека Филип е во болница“, додава изворот.

Последното куче на кралицата, Вулкан, за жал, почина веднаш по Божик. Тоа беше со нејзиното височество од 2007 година.

Таа долго време чувала корги, а досега имала најмалку 30. Се смета дека зголемената популарност на оваа раса во последните години е нејзина заслуга.

Кралицата со еден од коргите во 1970 година.

 

 

Continue Reading
Advertisement

Facebook

Facebook

Трендинг

Copyright © Mediaset.mk / 2020-2023

error: